Овој четврток, со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија ќе се одржи музичко –поетска вечер со Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“.
Проектот „Мевлем“ е уникатна симбиоза на музика и поезија, создадена од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој преку своите дела создава извонредна уметничка комуникација помеѓу звуците и зборовите. Проектот вклучува премиерни изведби на композиции кои се специјално создадени за оваа прилика, што го прави овој циклус клучен за промовирање на домашното музичко творештво, со фокус на македонскиот културен идентитет. Во фокусот на „Мевлем“ е музичката содржина, која е внимателно дизајнирана за да го рефлектира духовното и естетското наследство на македонската култура.
Музичкиот состав кој учествува во „Мевлем“ е составен од врвни музичари: Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола), Енис Аљи (виолончело) и самиот автор Марко Виденовиќ (пијано и глас). Овие уметници, со својата професионалност и посветеност, ќе ја пренесат креативната визија на проектот преку изведба на композиции и поетски рецитации, создавајќи уникатна уметничка атмосфера. Специјално за овој проект, Виденовиќ има компонирано 15 оригинални композиции кои совршено ја надополнуваат неговата поезија, што ја прави програмата богата и полна со емоционални и уметнички детали.