Вечер илјадници свеќи ќе ја осветлат сцената на Македонската филхармонија на премиерното издание на првиот „Candlelight“ – концерт под свеќи на камерниот оркестар Профундис, кој ќе се одржи на 12 април со почеток во 20 часот.
„Продолжуваме со идејата дека камерниот оркестар „Профундис“ ќе биде иновативен, креативен и модерен. Овој пат со концерт под свеќи којшто во моментот е вистинска атракција во 173 града ширум светот, а премиерно со овој концерт списокот се проширува и со Скопје. На наше големо задоволство како солист ќе настапи светски познатиот виолинист Марио Хосен, кој ќе ги изведе четирите годишни времиња од Антонио Вивалди, како и виртуозното дело од Никола Паганини – „I Palpiti“ кое многу ретко се изведува поради специфичната техничка виртуозност и спаѓа во топ 10 најтешки дела за изведба на виолина. Дополнително на концертот ќе има и праизведба на дело од Филип Глас. Овој концерт е повеќе од обична изведба – тоа е извонредно искуство на уникатноста на нашите сетила и универзалниот јазик на музиката!“, изјави маестра Дашиќ.
Марио Хосен, познат по својата неспоредлива виртуозност и волшебно сценско присуство, ги краси престижните сцени ширум светот заедно со врвните оркестри, вклучувајќи ги Лондонската филхармонија, Виенскиот симфониски оркестар и многу други. Со голема страст за светското музичко наследство, стручноста на Марио се фокусира на Николо Паганини, правејќи го како еден од најистакнатите толкувачи и авторитети за изведување на музиката на Паганини.