Отворен Танц-Фест Скопје 2024 со „Госпоѓиците од Авињон“

0
390
Reklama

Синоќа, во полниот салон на НОБ, со претставата „Госпоѓиците од Авињон“ на кореографката Олга Панго, на музика на Калиопи Букле, се  отвори 20-то јубилејно издание на интернационалниот фестивал Танц-Фест Скопје 2024, кој годинава се одржува под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“. Со оваа претстава започна програмата „Паралели“, која ја означува соработката на фестивалот и Националната опера и балет и во која ќе се прикажат три современи кореографии на домашни автори.

Извонредните танчери на Националнито балет Мими Поп Алексова, Саша Евтимова, Ивана Коцевска, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаш Лочеј, Ендру Кук и Агим Бафтии, донесоа прекрасна магија на сцената, на големо задоволство на публиката, која ги награди со стоечки аплаузи. Претставата е една од најзабележителните продукции на рецентната македонска балетска сцена, чии автори се Калиопи (музика), Олга Панго (кореографија), Сашо Димоски (либрето), Валентин Светозарев (сценографија), Раде Василев (костимографија), Емил Петров (мултимедија и дизајн).

Следна претстава во склоп на програмата „Паралели“ во рамки на фестивалот Танц Фест Скопје 2024 е претставата „Сага“, која ќе се одржи на 16 април во 20 часот на големата сцена на НОБ, во кореографија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, сценографија на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски. Во претставата учествуваат првенци, солисти и ансамблот на Националниот балет.