Започна снимањето на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума

0
309
Reklama

Продукцијата „Систерс и брадер Митевски“ денеска, 2 април, започна со снимање на долгометражниот филм „Скејтањето не е за девојчиња” во режија на Дина Дума.

„Овој проект е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска од каде доаѓа креативна и техничка екипа, проект кој ни е особено драг бидејќи е сместен во енергична ромска заедница во Шуто Оризари. Ова е филм кој следи три генерации жени – додека тие се движат низ судирот меѓу традицијата и предизвиците од модерното време. Низ светогледот на 12 годишната Адела, филмот ни отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата“, соопштува продукцијата.

Од таму велат дека локациите на снимање се на територијата на Скопје.

Главните улоги ги толкуваат натуршчици и актери од ромската популација, Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула.

Сценариото е на Дина Дума, косценаристи Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминка Мојца Горогранц-Петрушевска, кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Лабина Митевска, копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац.

Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија, Хрватска и од Еуроимаж.

Претходно, додека беше во подготовка, „Скејтањето не е за девојчиња“ освои две награди за развој во програмата „Синелинк“ на Сараевскиот филмски фестивал.