Во битолската Универзитетска библиотека отворена мултинаменска „Дневна соба на градот“

0
176
Reklama

Министерката во Министерството за култура Бисера Костадиновска Стојчевска пушти во употреба нов корисен простор во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола, мултинаменска „Дневна соба на градот“.

Станува збор за простор кој ќе може да користат граѓаните од сите генерации, и посебна отвореност за младите, истакна министерката Костадиновска Стојчевска, на промотивен настан во Битола.

-Новиот библиотечен простор е наменет за граѓаните и симболично е наречен „Дневна соба на градот“. Битола добива место каде младите луѓе, но и сите генерации може да се среќаваат, да учат, да се унапредуваат и да стекнуваат нови пријатели. Овој мултифункционален центар ќе нуди програма за квалитетно минување на слободното време, литература за сечиј вкус, можности за истражување и социјална комуникација. Новиот библиотечен простор, во светот препознаен како Community Hub, се отвора со заложбите на светската организација на библиотеки IFLA и со голема и безрезервна поддршка на Министерството за култура. Моја лична цел е сите национални установи да бидат целосно отворени кон младите и кон сите останати низ вакви катчиња за да секој се почувствува како дома во својата дневна соба, посочи Костадиновска Стојчевска.

Проектот поддржан од Министерството за култура ќе овозможи да се следи примерот на многу библиотеки во светот, истакна директорот на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола, Бојан Стефановски.

-Во 21. век правото на корисникот да ја види книгата е задолжително и со овој проект тоа го исполнуваме. Граѓаните од Битола и пошироко од регионот ќе имаат можност да ги користат услугите на „Дневна соба на градот“, посочи Стефановски.

За време на посетата на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска оствари средба со македонски и библиотекар од Република Србија учесници во проектот „Мрежа на хортикултурни библиотеки“.