Во организација на Националната опера и балет – Мала сцена, а со поддршка од Министерството за култура и туризам, на 22 април, во 20 часот, почнуваат „Денови на македонски кореографи“. Со манифестацијата што ќе трае до 25 април повторно ќе биде ставена во функција Малата сцена на НОБ. Отворањето на манифестацијата е со две премиери на Скопје танцовиот театар.
– За Скопје танцовиот театар, кореографите Адријана Данчевска и Дејан Битровски, со новите продукции, кои се поддржани од Министерството за култура и туризам, оваа соработка е исклучително значајна и чест ни е да настапиме на отворањето на оваа манифестација. Голема благодарност до генералниот директор на НОБ, Оливер Арсовски, уметничкиот раководител на Балетот, Марија Кичевска, а посебна до менаџерот Кире Павлов за поканата и одличната соработка која деновиве ја остваруваме. Сметам дека ова е еден голем исчекор во обединувањето на домашната танцова сцена и платформа за понатамошен развој – вели Рисима Рисимкин, уметничкиот директор на Скопје танцовиот театар.
Публиката ќе може да ја проследи премиерата на „Мокументари“ на кореографката Адријана Данчевска, за која музиката е на Александар Гроздановски, сценографијата на Ивана Мојсовска, а настапуваат Дејан Битровски и Адријана Данчевска. „Mockumentary“ е танцова претстава која ja истражува политичката сцена и улогата на изведувачот во таа приказна. Од позиција на тело, во оваа динамична и често контрадикторна стварност – самоопределување. Саркастичен и манипулативен пристап создава конфликт. Танцот станува метафора на нестабилност и постојана промена, додека хуморот ги открива апсурдните аспекти на моќта.
По паузата, ќе се изведе „Ехо на баронот“, на кореографот Дејан Битровски, за која музиката е на Herzel, сценографијата на Матеа Мијановиќ, а настапуваат Анастасија Данчевска, Стефани Шаршмит и Нина Петрушевска. „I’m back! I got lips again and I’m gonna use them, baby!“ – вели во најавата за претставата, кореографот Битровски. Ова е танцова претстава што ја истражува психолошката манипулација во современото општество преку темите на синдромот Минхаузен и неговата модерна манифестација. Изведбата прикажува како луѓето се принудени да создадат искривени верзии од себе под влијание на социјалните медиуми, дезинформациите и општествените очекувања. Користејќи танц, музика и визуелни елементи, претставата ја нагласува борбата за зачувување на автентичниот идентитет во нашата ера.