Јубилејното 20-то фестивалско издание на Танц-фест Скопје 2024, кое се одржува под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“ продолжува на 16 април, во Националната опера и балет, со изведба на современиот балет „Сага“ на Рисима Рисимкин. Претставата е дел од програмата „Паралели“, која фестивалот ја остварува во соработка со Националната опера и балет.
„Сага“ е возбудливо патување низ ритамот на седмата осмина. Низ заедничка креација со Националниот балет, кореографката Рисима Рисимкин, на извонредната музика на композиторот Тони Китановски, сценографијата на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски, ги открива идентитетите на Црвената и Црната нишка, кои ги толкуваат примабалерините Марија Кичевска Шокаровска и Мими Поп-Алексова Атанасовска, Пиреј со првенецот Балаж Лочеи, (Унгарија), Везилката со Саша Евтимова, Копнеж со Франциско Хименез Руиз, Прелист со Наташа Трендафилова-Гицева, Трепетлика со Илијана Данилов, Ѓул со Христина Наќевска. Извонредните танчери на Националниот балет и авторскиот тим, создаваат претстава за луѓето, поминуваат низ историјата и се задржуваат на сегашноста. Либретото се базира врз народни преданија и современа поезија на македонски автори, во кое централно место зазема песната „Везилка“ на великанот Блаже Конески.