Натпревар за цртање и сликање за прослава на Денот на децата во Јапонија

0
272
Reklama

Амбасадата на Јапонија најавува дека на 5 мај ќе го прослави Денот на децата во Јапонија, со натпревар за цртање и сликање.

„По повод 30 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу нашите земји поттикнете ги децата да творат за нашето пријателство, за важноста на „кизуна” (силна и длабока врска) со своите „томодачи” (пријатели)”- велат организаторите на настанот.

Конкурсот е отворен за сите деца до 12-годишна возраст кои уживаат да творат во техниките цртеж со јаглен, креда, молив, туш или сликарските техники фломастер, акварел, гваш, темпера, акрил, пастел, колаж, асемблаж, а димензиите на творбите не се ограничени.

Жири-комисијата составена од г. Казуја Оцука, aмбасадор на Јапонија, професор Гоце Наневски, Факултет за ликовни уметности – Скопје и професорката Дита Старова Ќерими, Универзитетот „Американ колеџ”- Скопје ќе доделат три награди, а ќе се додели уште една специјална награда за творбата објавена на фејсбук страницата на Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија, која ќе добие најмногу лајкови.

Инспирирајте ги своите деца да се забавуваат низ ликовната уметност и испратете ги нивните творби во jpeg или png формат не поголем од 10 MB на contact@sk.mofa.go.jp до 18 април.

Со секоја творба, потребно е да се сподели насловот на творбата, името и возраста на авторот. Гласањето за доставените цртежи преку фејсбук страницата и ќе трае дo 30 април.

Денот на децата (こ ど も の 日, Kodomo no Hi) е јапонски национален празник кој се прославува секоја година на 5 мај. Тоа е ден посветен на изразувањето почит кон личностите на децата и славење на нивната среќа.

На овој ден, семејствата летаат змејови наречени коинобори, во форма на риба, крап (оваа форма се користи поради легендата што вели дека крапот што плива спротивно на течението на водата, станува змеј и одлетува кон небото). Начинот на кој овие змејови летаат на ветер, изгледа како да пливаат.

Црниот крап е за таткото, црвен или розев за мајката и еден крап (вообичаено син, или понекогаш зелен и портокалов) има за секое од децата. Понекогаш семејствата прикажуваат и кукла-самурај како јава на голем крап (најчесто ги илустрира јапонските фолклорни херои Кинтаро или Момотаро кои во моментов се изложени во Скопје и можат да се погледнат во Археолошкиот музеј) и/или традиционалниот јапонски воен шлем, кабуто, како класичен симбол на сила и виталност.

На овој ден вообичаено се послужува кашива мочи (лепливи колачи од ориз полнети со џем од црвен грав и завиткани во дабови лисја) и чимаки (леплив сладок ориз завиткан во лист од перуника или бамбус).