Групата SMUT со нов видео спот

0
288
Reklama

Македонската металкор група SMUT, основоположник на овој музички стил во регионот, објави нов видео спот со кој го претставува синглот „ЕДЕН ДЕН“. Новото видео е во режија на Владимир Митревски – Ѓуле, кој имено се потпишува зад сите спотови на SMUT.

-„Помислата да ја преточиш болката преку мастило во зборови, преку тонови во музика, преку слика во видео и тоа да ја опише истата за нас беше незамислива.

Благодарение на целиот тим кој работеше на овој проект, дојдовме до видеото за ‘Еден Ден’! Има две причини кои беа пресудни зошто се одлучивме да снимаме спот за оваа песна, реакцијата на публиката на нашиот последен настап – Д Фестивал и сугестијата на режисерот Владимир Митревски – Ѓуле, по преслушување на песната.

Владимир е режисерот кој е потпишан на сите наши спотови и претежно тој е оној кој одбира кои песни ќе добијат видео запис.

Тематиката и снимање спот каде главната тема е загубата, е исклучително тешка, имајќи предвид дека треба да се опише тагата, празнината. Целиот товар падна на нашиот режисер и на главниот лик, балерината Мила Ниновска, која својот лик го одигра во вистинското светло како што беше замислено од режисерот.

А за нас, празната голема соба не беше доволно празна за да ја опишеме празнината на нашата загуба…“ – велат SMUT.

Групата SMUT (Смат) постои повеќе од 25 години со пет култни студиски албуми зад себе и важи за една од најценетите хардкор/металкор групи во овој дел од Европа. Најновиот сингл „Еден Ден“ кој SMUT денеска го претставува со видеозапис, беше објавен во аудио формат на 3 мај годинава, а два месеци подоцна премиерно беше изведен и во живо на нивниот настап на Главната бина на „Д Фестивал“ во Дојран