Андреја Салпе – Метрополи, ново музичко издание и видео спот

0
158
Reklama

Андреја Салпе е во форма. За оние кои сеуште не знаат, тој е еден од најталентираните млади музичари во земјава, а во последно време и далеку најплоден. За тоа говори серијата изданија на композиции и проектот “Поетроника“ со бардот на македонското глумиште, господинот Оливер Митковски. Андреја Салпе забележи неколку успешни клупски изданија во изминативе месеци, а неговото најново – “Метрополи“ за домашната дискографска куќа ПМГ Танц Дигитал е дефинитивно најдоброто досега. Модерна електронска музика, совршена за танцување, со вокали на Македонски јазик. Има ли подобро? Нема.

Насловната тема “Метрополи“ е веќе хит по македонските подиуми за танц, а деновиве излезе и видео спот за песната, едитиран и режиран од Оливер Митковски. Камерата е на младата и мошне интересна појава на нашата сцена – Мартина Пенева, а во видеото главна улога има популарната македонска глумица Дарја Ризова. Целата оваа креативна соработка е плод на љубовта, пријателството и очигледната инклинација кон добриот музички вкус.

Андреја Салпе деновиве е и доста зафатен музичар која настапува во живо со својата музика. На 10ти октомври можете да го видите на малата сцена во МНТ со “Поетроника“, а во сабота на 14 октомври, во рамките на ПМГ Рекордингс Фестивалот 13, ќе има привилегија да ја отвори вечерта за еден од најквалитетните и најпознати електронски музичари во светот, канаѓанецот Метју Џонсон. Фестивалот се случува во Младинскиот Културен Центар Скопје. Извонредно исполнет календар, но и покана за публиката да биде дел од неговите музички авантури.