Фестивалот Танц-Фест Скопје 2024 кој годинава го прославува јубилејот 20 години постоење, ја продолжува својата програма на сцената на Македонскиот народен театар на 11 мај во 20 часот.
Како што информираат организаторите публиката ќе има можност да ги проследи извонредните кореографски остварувања „Напуштена иднина“ на Дејан Битровски и „Табу република“ на Бобан Русески, во изведба на Скопје танцовиот театар.
„Многу сум среќна дека фестивалот дочека Јубилејно издание од 20 години постоење на културната сцена кај нас, но и дека успеа да се наметне на европската и светската современа танцова сцена, како фестивал со извонредни квалитети и престижно е да се настапи во неговата програма. Мисијата која ја остваруваме овие дваесет години, се остварува, па така во една двонасочна улица презентираме најдобри светски компании, но градиме и домашни автори кои се пласираат кај нас и во странство преку учество во фестивалската програма. Посебно ме радуваат новите кореографски остварувања на младите кореографи Дејан Битровски и Бобан Русески, кои публиката ќе има можност да ги види во сабота на 11 мај, на сцената на Македонскиот народен театар. Современата танцова сцена кај нас зајакнува и се шири и фестивалот има голема улога во тоа“, изјави Рисима Рисимкин, уметнички директор на Танц Фест Скопје.
Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Виталија, Бовин, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ.