Самостојна изложба на Тања Балаќ во Музејот на Македонија

0
121

Самостојната изложба на уметницата Тања Балаќ со наслов „Раселени“ ќе биде отворена на 5 септември, во 20 часот, во Музејот на Македонија. Изложбата, која ќе ја отвори историчарот на уметноста и ликовен критичар Кирил Пенушлиски, содржи дела создадени во периодот 2020-2023 година. На оваа изложба, Балаќ се претставува со 27 слики, кои се своевидно дополнување на нејзиниот претходен циклус започнат некаде во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени на нејзините изложби во Скопје, Белград, Загреб…

И на оваа изложба авторката се занимава со темите за бегалската и мигрантската криза, осврнувајќи се на ксенофобичната реторика присутна во многу мејнстрим-медиуми. Во обидот да создаде сеопфатна слика за овој глобален проблем, таа отвора многу прашања, но истовремено ја повикува и јавноста на заедничка потрага по можното решение.

Тања Балаќ во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност.