Премиера на претставата „Како ќе го делиме мачорот“ во среда во Театарот за деца и младинци

0
127
Reklama

Младинската претстава „Како ќе го делиме мачорот“ во Театарот за деца и младинци (ТДМ)премиерно ќе биде прикажана в среда, 22 ноември во 20 часот. Претставата е во режија на Јане Спасиќ, а ја отвора темата развод и низ што минуваат децата и родителите во тој процес.

Режисерот Спасиќ, инспириран од романите на познатата авторка за деца и млади, Џуди Блум, го пишува текстот „Како ќе го делиме мачорот?“, кој како и во нејзините книги, искрено ја отвора и согледува темата на развод во една фамилија.

Преку приказната за разводот на фамилијата Неделковски, претставата е како „отворен разговор“ за сите деца и млади кои го минуваат или го минале овој процес, но и поттик за родители да ја разберат нивната позицијата и потреби. Од друга страна таа, на еден свој начин е „другар“ на сите кои минале низ ова, едно место каде се одвиваат сите потиснати разговори, но и „прирачник“ за однесување за сите најблиски пријатели, другари и останати членови на семејството, кои сведочат за развод на своите ближни.

Иако се занимава со една тешка тема, претставата релативно лесно, „шета“ по сите потиснати и скриени катчиња на една фамилија во развод, а со тоа прикажува многу светла на краевите на повеќе тунели, понудувајќи повеќе убави исходи, отколку лоши.

Во претставата играат:  Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Матеа Јанковска, Никола Наковски, Ангела Димитрова, Ненад Митевски и Марија Ѓорѓијовска.

Спасиќ е режисер, а негова е и драматизацијата и изборот на музиката. Сценографијата е на Кирил Василев, костимограф е Бранкица Јордановска.

Наменета за возраст од 12 години нагоре.