„Кајмак“ освои Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА и доби одлична критика од „Муви гурме”

0
147
Reklama

Филмот „Кајмак” на режисерот Милчо Манчевски, освои Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот). Наградата беше доделена на вчерашната свеченост при затворањето на меѓународниот Фестивал Херцег Нови Монтенегро. На свеченоста, покрај режисерот Манчевски, присуствуваа и актерите од филмот Александар Микиќ и Ана Стојановска. „Филмови не се прават за награди, ама вакво признание е потврда за вложениот труд и талент на целата екипа”, изјави Манчевски.

Од продукцијата на Манчевски информираат дека деновие се појави нова рецензија за „Кајмак” во американските медиуми. „Муви гурме” вели за овој македонски филм: „Манчевски вградува повеќе значење во  Кајмак отколку што би имало во една обична секси лудорија, истражувајќи ги и императивот да се биде родител и еластичните граници на моногамијата… Сите улоги во Кајмак се одлични… Ликовите имаат многу секс – ем радосно откачен, ем грешен до наежување… Филмот е многу смешен, а Манчевски дури и слатко им намигнува на шпагети вестерните на Серџо Леоне“.Паралелно, „Кајмак“ ја имаше и американската премиера, на 33-то издание на фестивалот Синеквест во Калифорнија. Син

еквест е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина.

Во соопштението понатаму се информира дека на почетокот на септември „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште три фестивали: i-Fest во Калабрија, Италија, каде ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, Балкан панорама во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина.

Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.

„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот, се нагласува во соопштението и се додава дека филмот е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји „од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска“. Понатамошниот процес на пласман е во тек.

„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија итн.

Филмот ја освои и Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена з

а најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија.

„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.

Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Ијан Прајор