Бесплатни проекции на „Медена земја“ и „Исцелител“ во Кинотека по повод Денот на независноста

0
195
Reklama

Филмовите „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески ќе имаат бесплатни проекции во Кинотеката, по повод Денот на независноста – 8 септември.

Од Кинотеката најавија дека на историски ден значаен за нашата држава, ќе ги проектираат двата филма кои ја одбележаа рецентната македонска кино продукција.

-Двете остварувања ги поврзуваат неколку нишки. Меѓу нив се и самите наслови. Медот впрочем, е еден вид исцелителна храна. Но тоа настрана. Најважните поврзници меѓу двата филма се: прифатеноста од публиката, речиси универзално позитивниот прием кај критиката, потврдено со многубројни награди, соопштија од Кинотека.

Документарецот „Медена земја“ на фестивалот „Санденс“ под покровителство на прославениот актер и режисер Роберт Редфорд, доби три награди.

-И филмот „Исцелител“ има подолга генеза на создавање. Авторот речиси една деценија осмислувал дали филмот да биде црна комедија, драма, социјална приказна. На крајот исцелител е сево ова, прецизно изрежирана кино творба, со впечатлива актерска игра, и суптилна музичка предлошка. На фестивалските проекции во различни краеви на светот, публиката со аплаузи, а критиката со пофалби го прифаќаше ова филмско остварување, се вели во соопштението на Кинотеката.