Европска турнеја и светска дистрибуција на „Патување пеш“ на Тамара Котевска

0
229
Reklama

Документарниот филм THE WALK (Патување пеш) во режија на Тамара Котевска започнува со европска фестивалска турнеја. Најпрво, филмот ќе има европска премиера на најголемиот фестивал за човекови права FIFDH во Женева, Швајцарија, каде ќе има 2 проекции, а веднаш потоа, ќе се случат рекордни 5 проекции на еден од најголемите фестивали за документарен филм од А Категорија во Европа – CPH DOX во Копенхаген, Данска како дел од програмата Highlights.

Уште една добра вест е што реномираната компанија Together Films, со седишта во Лондон и Њујорк и значајно искуство во светска дистрибуција на филмови, ги обезбеди правата на „Патување пеш“ и истиот ќе го дистрибуира низ светот. Минатата недела филмот беше претставен за продажба на овогодинешниот филмски маркет во Берлин, а во следниот период ќе биде дел од маркетите на CPH DOX во Копенхаген и SXSW во САД, што беше екслузивно објавено на насловната страна на британското филмско списание Screen Daily.

Филмот „Патување пеш“ ја имаше својата светска премиера на најголемиот фестивал за документарни филмови во САД – DOC NYC во Њујорк во ноември минатата година, откако Тамара Котевска за прв пат го претстави филмот на филмскиот фестивал во Венеција со краток трејлер во септември 2023 година.

Таа е првиот автор од Македонија повикан да одржи говор на ексклузивниот настан LIGHTS CAMERA IMPACT, каде секоја година се поканети три светски реномирани автори чие последователно творештво се филмови кои имаат потенцијал да остварат општествен импакт. „Патување пеш“ го следи патувањето на Амал – џиновска кукла висока 3,5 метри, која претставува млада бегалка и која патува преку сириската граница во Турција, а потоа низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Филмот се снимаше две години на териториите на повеќе од 10 земји, помеѓу Сирија на исток и Обединетото Кралство на запад, како и на бреговите на Јужна Африка.

Во креативниот тим на филмот, покрај Тамара Котевска се и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Главен продуцент на филмот е Grain Media – една од најголемите британски филмски компании фокусирана на документарните филмови, а македонски копродуцент е ОХО ПРОДУКЦИЈА. Филмот е поддржан и од македонската агенција за филм.