Концерти на „Сетстат“ и „ПМГ Колектив “ во Бугарија

0
248
Reklama

Концертите на „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“ се реализираат како дел од концертната серија на дводневниот музички настан организиран од „Аларма панк-џез“ од Софија во соработка со музичката програма „Христо Ботев“ при Бугарското национално радио.

Првиот ден (5 октомври) е македонска музичка вечер, а со концертите на „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“ го претставуваме и македонскиот фестивал за џез и светска музика „Крај Вардарот џез“ пред тамошната публика. Со ова гостување воспоставуваме континуитет на меѓународната соработката во полето на современата, џез и светската музика помеѓу музичари, продуценти и културни актери од Македонија и Бугарија почната во 2022 година со гостувањето на бугарскиот состав „Спејс трио“ како дел од програмата на третото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ во Скопје.

Со континуирана работа повеќе од 30 години „Сетстат“ е нашиот најквалитетен и најдолготраен џез-состав. Зад себе имаат 10 студиски албуми. Освен од љубовта на публиката, успехот на бендот се гледа и од добиените признанија од критиката. Композиција MVP во 2004 беше број 1 на Top Downloads 200-листата на реномираниот џез-портал All About Jazz websit. Во 2015 култното радио „Канал 103“ го прогласи како албум на годината „Се плашам од Македонци“ (соработка со Никола Коџабашија и Мирко Попов). Албумот во живо White Night, снимен од настапот на „ПМГ рекордингс фестивал“ во 2021 година, издаден за „ПМГ џез“, влезе во селекцијата на најдобрите џез-изданија на музичката платформа Bandcamp во јануари 2022 година. Бендот има динамична концертна активност како во домашен така и во меѓународен контекст, а во Софија ќе се претстават со последниот студиски албум „Соба 107“, издаден во 2022 година за „ПМГ џез/ПМГ рекордингс“.

„ПМГ колектив оркестар“ е уште еден состав со исклучителна дискографија и активна работа повеќе од 20 години. Нивниот звук носи софистицирани танцови линии, прилично уникатни и речиси поп-мелодични. 9 студиски албуми, двоен винил со најголемите хитови, многубројни ЕП, синглови, компилации, видеозаписи, ремикси и неколку македонски и европски турнеи. Моментниот состав на бендот е прилично авантуристички микс на танцов ритам базиран на современа електронска продукција, тапани во живо, бас, гитара, дувачка секција, вокали и синтисајзери. Вистински оркестар составен од некои од најдобрите и најталентирани македонски музичари споени со цел да донесат правда и зрели аранжмани на добро познатите ПМГ-песни („Скопјанка“, „Манекенки“, „80-ти“, „90-ти“, „Ти си мојот свет“, „Луѓе од градови“, „Деца на два века“…), патем максимално задоволувајќи ја публиката на концертите.